Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски и пред денешната ждрепка во Нион за квалификациите за ЕП 2019 нема некоја посебна желба околу изгледот на групата во која би се нашле. И по ждрепката, како и секогаш најдобриот тренер во Македонија потенцира дека репрезентацијата ја чека нов предизвик и ново надигрување со европскиот квалитет, без разлика кој е од спротивната страна.
„Добивме група која, согласно првиот впечаток не е така атрактивна, но и тоа како со тешки противници како што се Србија, учесник на ЕП, Австрија и Русија. Но, во секој случај добивме група за ново надигрување со Европа. И претходно кажав дека наша цел ќе биде потврда на квалитетот на игрите од претходниот циклус и конкурентност на теренот се секој противник, без разлика кој е од спротивната страна. Ние за квалификацискиот циклус за ЕП 2019 градиме комплетно нова репрезентација со која повторно ќе одиме чекор по чекор, како и низ претходните квалификации“ – ни изјави од Нион, Благоја Милевски.
Во моментов, Милевски заедно со директорот на репрезентацијата, Саша Ќириќ, на состанок со останатите претставници од нашата група ги договараат термините за одигрување на квалификациските натпревари. Доколку нема меѓусебен договор, УЕФА ќе го определи распоредот на натпреварите.
Македонија, како четврторангирана според рејтингот, се најде во Групата 7, во која се уште и Србија, Австрија, Русија, Ерменија и Гибралтар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА