Во последното коло од групата Б во балканската лига ќе биде одиграно уште едно македонско дерби – Карпош соколи во 20 часот ќе ги нагости Фени индустри. Двете екипи се со ’една нога’ во втората фаза и вечерва само ќе го заверат.
Кавадарчани се на втората позиција на табелата со 15 бодови, а исто толку има и Пеќ кој се наоѓа едно место над нив поради поповолна кош-разлика. Љупчо Малинков конечно ќе го има на располагање Кире Николовски кој паузира од крајот на минатата календарска година поради повреда. Малинков не сакаше да ризикува со капитенот на изминатите два натпревари (против Сутјеска во БИБЛ и против Охрид во домашното првенство) нагласувајќи дека токму денешниот натпревар му е приоритет.
Две места подолу на табелата се стационирани „соколите“ кои денес ќе бркаат победа за да го заверат пласманот во втората групна фаза. Иако дебитанти во ова натпреварување, кошаркарите од клубот од Карпош по промената на кормилото и доаѓањето на Драган Николиќ успеаја да го фатат ритамот и да запишат неколку победи со кои се на само еден чекор од пласман понатаму. „Соколите“ пишуваат клупска историја и победа денес ги дели од уште една нова страница.
Карпош соколи нема да отидат во втората групна фаза само доколку Трепча која има еден бод помалку од нив ја совлада Сутјеска со повеќе од 11 поени разлика, а македонскиот претставник да загуби од Фени индустри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА