И покрај тоа што Кожув веќе со ‘една нога’ имаше обезбедено пласман во втората групна фаза на Балканската лига, избраниците на Игор Михајловски и на последниот натпревар од првата групна фаза го дадоа максимумот од себе. Во Гевгелија падна и актуелниот шампион Сигал Приштина за кого оваа сезона завршува во првата фаза. Кошаркарите на Кожув славеа со 73-65 (23-14, 20-10, 13-25, 17-16).
Во три наврати кошаркарите на Сигал Приштина се покажаа како достоен противник за гевгеличани. Хајризи и Ругова ги предводеа своите соиграчи до 4-7 водство на стартот, а потоа и до намалување на 12-11 и тоа беше сè што кошаркарите од косовскиот клуб можеа да сторат во првиот дел од натпреварот. На полувремето екипите се раздвоија при резултат од 43-24. Во третиот период, кошаркарите на Сигал Приштина под водство на новиот тренер се заканија на резултатот, намалија на само шест поени негатива(47-41), но не успеаја до крајот да ја намалат и да направат пресврт. Во последниот период Кожув водеше и со само пет поени (60-55), но Хал со поени зад линијата од 6,75 метри придонесе за нов раст на разликата која на четири минути до крајот на натпреварот се покажа како недостижна.
Најефикасен кај гевгеличани беше Мијовиќ со дабл-дабл од 24 поени и 12 скокови, двоцифрени беа и Мекнил и Крстевски со 13 односно 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА