Ако во остатокот од светот, зимските и летни подготовки на фудбалските клубови се стандардна работа, тогаш во Македонија тоа во многу случаи е лускуз. Освен Вардар, Шкендија и Работнички, кои можат да си дозволат подготовки надвор од нашата држава, за останатите тимови такво нешто е незамисливо.
Силекс пред точно една година, не направи никакви подготовки, не одигра ниту еден пријателски натпревари, но со доаѓањето на Жикица Тасевски на кормилото на клубот, многу работи се променија. Оваа зима, тимот од Кратово ќе има и зимски подготовки во Анталија каде ќе одигра неколку пријателски натпревари, а стратегот Тасевски е мошне задоволен од управата на клубот, која ги овозможила тие подготовки.
„Работиме на физичката подготвеност на играчите, а остатокот од тренингот го имаме во сала, на работа со топка. Играчите едвај чекаат да дојде петок и да заминеме во Турција. Тоа во изминатите сезони беше незамисливо за Силекс, но на мое барање, обезбедив подготовки на тимот, надвор од нашата држава. Секако, огромна благодарност до управата, кој пред се ги почитуваше моите одлуки и барања. Моја цел е да воспоставам добра работна атмосфера во тимот и да направиме добар резултат на крајот на сезоната. Во Турција ќе одиграме неколку наптревари против квалитетни екипи, со цел моите фудбалери да влезат во натпреварувачки тим. Сакам да направам успех со Силекс и верувам во тоа“ – вели за ЕКИПА, Жикица Тасевски.
Тимот од Кратово во петок (27. јануари), заминува за Анталија и таму ќе се задржи до 9-ти февруари, а клубовите од Турција веќе прикажале сериозен интерес за Филиповски, Тимовски и напаѓачот Игор Недељковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА