Убавите временски услови во Анталија, Турција, актуелниот шампион Вардар ги користи на максимален начин, во вториот дел од зимските подготовки. Од лошите временски услови во цела Македонија поради снежните врнежи, тимот од Скопје беше ’пречекан’ со сонце и пријатна температура, совршена за квалитетни подготовки.
Под команда на стратегот Гоце Седлоски, тимот работи со „полна пареа“ во пресрет на почетокот на вториот дел од сезоната, а веќе утре го имаат првиот пријателски натпревар против некогашниот европски шампион Стеауа Букурешт.
„Добро ја познавам екипата на Стеауа, тие се најпознатиот тим од Романија и екипа која што има многу навивачи во таа земја. Тоа ќе биде еден пријателски натпревар за да видиме до каде сме, и ќе ни послужи да ја градиме нашата игра, како овој, така и останатите пријателски натпревари кои ќе треба да играме во Анталија. Сепак, иако е пријателски меч сакаме да победиме, а најважно од се е да бидеме сите здрави и подготвени за пролетниот дел. Имам многу пријатели во Стеауа, најдобар ми е Флоријан Танасе со кого што и натаму се дружиме и се гледаме после секоја пауза во првенството. Пријателството датира од нашите заеднички настапи во Виторул, но и покрај сѐ, утре сакам да го победам“ – изјави Николов за официјалниот сајт на Вардар.
„Црвено-црните“ атакуваат на одбрана на титулата во Првата македонска фудбалска лига, а првиот натпревар после зимската пауза го имаат против незгодниот Шкупи.
Доаѓањето на Томас Брдариќ во Шкендија најави големи промени во тетовскиот клуб, кој е главен конкурент на Вардар за титулата во македонскиот шампионат а разликата на табелата помеѓу овие два клуба е четири бода.
ФОТО: ФК ВАРДАР
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА