Македонија стигна до посакуваниот бод против Исланд, а најзаслужен за тоа е Кирил Колев. Искусниот 38-годишен голман го одигра најдобриот репрезентативен меч кога беше најпотребно, бранејќи тринаесет удари наспроти вкупно деветте на двата исландски голмани. Особено важен беше оној последниот, тринаесеттиот, кога Колев тргна на вистинската страна и одлично го запре обидот на Карасон, осигурувајќи го посакуваното реми.
„Ги имавме добро анализирано сите играчи, знаев дека омилен шут на Карасон, воедно и шут со кој обично ги завршува натпреварите, е на првиот дирек. Иако претходно даде два гола со дијагонали, имав претчуство дека сега ќе ја смени страната и ќе шутира онаму каде што е најсигурен, тргнав на првиот дирек и го запрев обидот. Секако дека радоста беше огромна, знам дека со таа интервенција придонесов да го освоиме третото место“ – изјави Колев.
Само еден добар натпревар беше доволен за Колев од еден од најкритикуваните репрезентативци да стане нов херој на јавноста.
„Воопшто не е лесно да се слушаат критиките. Се обидовме да ни послужат како мотивација, но исто така и станувавме малку нервозни, бидејќи и јас и Трајковски знаеме дека можеме да и помогнеме на репрезентацијата повеќе отколку што го правевме тоа на претходните средби. Никогаш не стана збор за бројот на одбрани, туку за севкупниот придонес, за сигурноста на одбраната. Што ќе ми значеа 20 одбрани ако на крајот загубевме од Тунис, или 12 интервенции ако не го одбранев последниот шут и загубивме. Се соочивме со притисок од медиумите и пред се од социјалните мрежи, но мислам дека одлично одговоривме на него“ – истакнува искусниот голман.
За среќа, Колев секогаш ја имаше поддршката на селекторот Лино Червар.
„Неверојатно е што направи Лино Червар за мене и за Трајковски. Направи избор со двајца дебитанти како голмани, самиот се соочи со огромен притисок поради тоа, но во ниту еден момент не изврши било каква пресија врз нас. Едноставно, секогаш ни даваше поддршка, не ни дозволуваше да се оптоваруваме ако противничките голмани имаат повеќе одбрани, едноставно ни велеше дека треба да сториме се што е неопходно за тимот да победи. Сакам јавно да му се заблагодарам за укажаната шанса, добриот настап на дуелот со Исланд му го должам токму на Червар и се надевам дека и во иднина ќе ја оправдувам неговата доверба“ – истакнува херојот од синоќешниот натпревар.
Тој има 38 години, но дури сега дебитира на националниот тим на големите натпреварувања.
„Можеше да се случи и порано да го имам своето деби, но немав среќа. Додека настапував за Вардар, периодот околу 2000 година, бев во одлична форма и се наоѓав на прагот на репрезентацијата, но тогаш заработив тешка повреда поради која паузирав цела година. Тоа ме исфрли од ритам и ми требаше време да се вратам во посакуваната форма. Потоа како член на Металург освојував трофеи со овој клуб, бев дел од репрезентацијата на турнири, но никогаш не добив шанса за деби на една официјална средба. Бранев најдобро што можам за сите клубови, не се надевав дека на оваа возраст ќе бидам повикан за едно Светско Првенство, но токму тоа ја прави радоста и гордоста уште поголема“ – порачува за крај Кирил Колев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА