Кире Лазаров одигра уште еден одличен натпревар, предводејќи ја Македонија до посакуваното реми кое го донесе третото место во табелата и дуел со Норвешка.
„Како што кажа Столе по Тунис, немаме појма како се вративме. Е сега, навистина немаме појма како го направивме овој камбек. Немам логичен одговор и објаснување, едноставно Господ ни помогна да дојдеме до резултатот што го посакувавме, бидејќи го заслуживме тоа со добрите игри на овој мундијал. Почнавме добро, но направивме и многу грешки, пред се поради заморот, бидејќи навистина се потрошивме против Шпанија. Имаше и чудни судиски одлуки, но сега не би сакал да се навраќам на тоа“ – изјави Лазаров.
Следен предизвик за нашите репрезентативци е дуелот со Норвешка, но голем проблем претставуваат повредите на Филип Миркуловски и на Дејан Манасков.
„Секако дека тоа е голем проблем, останува да видиме за што станува збор, со надеж дека овие двајца ќе успеат да се рехабилитираат навреме за Норвешка. Тоа е селекција со која лани игравме нерешено, мислам дека се поквалитетни од овој состав на Исланд, но тоа ќе биде натпревар во кој немаме што да загубиме, а можеме многу да добиеме, доколку оствариме историски успех со пласманот во едно четвртфинале“ – истакна македонскиот капитен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА