1.Традицијата продолжува
Осамна 19 јануари, свет ден, за нас посебен. Големиот православен празник Богојавление – Водици. Последниве години ракометно го празнуваме на различни дестинации. Од Доха, до Краков, сега и во Мец традицијата продолжува. Прво се слави Богојавление, симболично се „фрла крстот“, а потоа светиот ден се слави во сала.
Македонците ја наполнија малата руска православна црква во Мец. Да си го испочитуваме денот и традицијата.
Овој ден за нас секогаш е посебен. Го паметиме Ниш, светата вода и победата против Чешка, ја паметиме Доха, Водици на 30 степени и победата против БиХ…Го паметиме и Краков, крстот на -16 и „златниот гол“ на Манасков за она големо реми против Србија за втор круг. Сето тоа се случуваше на денешен ден, на 19 јануари.
Вечерва во Мец не очекува дуелот со Исланд. Последен од групната фаза на СП. Играме за чест, за бод или победа што ќе не однесе подалеку од домаќинот Франција во осминафиналето. Играме за Албервил, да го избегнеме Лил. Играме за Македонија!
Денеска е нашиот ден. За многу години, Македонци, каде и да сте.
2.За „цепелините“ што го сопираат здивот
Македонија знае да потфрли, ама знае да биде и најсилна против најсилните. Сме го покажале тоа многупати досега. Го покажавме и сега во Мец. Лани на ЕП „ги реметевме“ Французите, потоа и Полјаците. Не победивме, но играта и пожртвуваноста ни ги полнеше срцата.
И покрај поразите.
Не победивме ни вчера против Шпанија, но 50.минути му покажавме „заби“ и ракометна убавина на фаворитот. Ракометарите го оставија срцето на терен, во вистинска смисла на зборот, а „фалангата“ грлата во „Мец Арена“. Двојниот цепелин на Кире Лазаров и Дејан Мансков, а потоа и оној со Гоце Георгиевски на другата страна, не еднаш туку два пати ни го сопре здивот. Замолкнаа трибините во Мец, и потоа – експлозија од аплаузи и овации. Играме со фаворитот Шпанија, не со Ангола! И покажуваме ракометни мајстории. Секоја чест.
Велат, тоа што е убаво и на Бога му е драго!
3.Со Македонија никогаш не се знае…
Додека ги пишувам овие редови во едно од сепарињата во холот на хотелот „Mercure“, на соседното сепаре, Исланѓаните пијат кафе. Тука се Сигурдсон, голманот Густавсон, Атласон, Гунарсон… Ги гледам и низ главата ми се врти:
„Спиевте ли мирно, соседи?“
Навидум се мирни и опуштени. Но, после вчерашната игра на Македонија и помалку загрижени. Во неформален разговор, велат – Македонија вчера одигра неверојатно. Да се надеваме дека денеска ќе бидете малку уморни…
Ние сме во осминафинале. На Исланд му треба победа или бод за да помине во следната фаза.
А, со Македонија сега веќе не се начисто…Не знаат што може да очекуваат. Зависат од овој натпревар.
4.И Тунижаните „ни тропнаа на врата“
Да биде иронијата поголема, од Македонија зависат и другите соседи, Тунижаните. Истите оние што лани ни го загорчеа животот на олимписките квалификации во Гдањск, сега „се молат“ за победа на Македонија.
Ако Македонија вечерва го победи или барем да му земе бод на Исланд, Тунис ќе обезбеди осминафинале. Па, денеска утрински пријателски расположен со Македонците е дури и тунискиот селектор Хафед Зуаби.
На утринското кафе не поздрави со многу пофалби за играта на Македонија на вчерашниот меч со Шпанија.
„Вчера одигравте одличен натпревар, Лино е „опасен играч“, не знаеш што да очекуваш“, вели Зуаби и „случајно“ додава „играјте така и вечерва“.
Сите овие „блиски средби“ се случуваат низ хотелот додека и ние и тие со кафе или чај ги ситниме саатите до вечераншните натпревари. Нашите ни се далеку, со нив сме „на пораки“.
Овие ни се тука, во лифтот, во ресторанот, во сепарето, на катот под нас и на тој над нас.
А, кога сме веќе соседи, може да „скршиме“ два реда муабет.
Македонија е актуелна тема.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА