Последен меч од групната фаза и многу значаен и за Македонија и за Исланд. Поуспешниот ќе го освои третото место и ќе ја избегне француската ракометна машинерија во осминафиналето. Токму затоа и двете селекции се максимално фокусирани на дуелот што во Мец ќе почне во 17.45 часот. А дотогаш ќе има анализи, предвидувања, откривање на добрите и лошите страни на противникот.
Селекторот на Исланд, Геир Свеинсон, е полн со комплименти за играта на македонската репрезентација. Вели дека Кире Лазаров е мозокот на селекцијата, дека имаме одличен организатор во Миркуловски, ги пофали и крилата Манасков и Георгиевски, но ја потенцираше силата на пивотменот Стојанче Стоилов.
„Македонија е силна селекција. Го има Кире Лазаров во своите редови, неверојатен голгетер, но и ракометар со „мудро око“, кој секогаш знае да го пронајде најдоброто решение кога проигрува. Многу често додавањата одат до силниот пивотмен Стојанче Стоилов, а тој е толку моќен, што може да носи четворица одбранбени ракометари на грб и да постигне гол. Секако, има Македонија уште неколку одлични поединци, како разигрувачот Миркуловски, крилата Манасков и Георгиевски кои во контранапади, но и од своите позиции се хируршки прецизни“, анализира селекторот на Исланд, Геир Свеинсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА