Новите млади играчи во македонската репрезентација на СП во Франција носат свежина во играта, но и еден позитивен квалитет на скромност и самокритичност. Стефан Дрогришки ја доби довербата на селекторот Лино Червар во стартниот состав против Шпанија и во поголемиот дел добро одговори на задачата. Сумирајќи ги впечатоците по натпреварот, младиот бек на македонската репрезентација, сепак, презеде дел од одговроноста, скромно порача дека ќе настојуваат да ги поправат грешките и дека во ниеден момент нема да се штедат.
„Со Шпанија се боревме цел натпревар и до 50.минута бевме тука со резултатот. На крај малку „паднавме“ и го загубивме мечот. Можеби и ние младите со некои наши грешки избрзавме малку во некој напад. Тука Шпанците не казнија и заврши како што заврши“ – вели Дрогришки.
Следниот предизвик за македонската репрезентација ќе биде денешниот дуел против селекцијата на Исланд. Овој натпревар директно ќе решава за третото место во групата Б и кој ќе ја избегне Франција во осминафиналето. Сето тоа е доволна причина да се заборави на уморот и да се направи уште еден чекор напред.
„Се подготуваме за Исланд. Ќе биде тежок натпревар, но се надевам дека можеме да извлечеме позитивен резултат и да го освоиме тоа трето место во групата. Уште пред почетокот на овој шампионат се договоривме дека на секој натпревар ќе одиме на победа и дека нема во ниеден момент да се штедиме“ – истакнува Стефан Дрогришки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА