Македонија нема да излезе на терен со бело знаме против Шпанија, но нашите ракометари се свесни дека многу поголеми се шансите за успех против Исланд, па затоа дел од погледите се вртат и кон утрешната пресметка за третото место во нашата група. Дејан Манасков истакнува дека мечот со Словенија е анализиран и нема да остави никаква трага врз нашите репрезентативци, кои се фокусирани на предизвиците пред нив.
„Пораз како пораз, секако дека боли, знаеме дека не се покажавме во посакуваното светло против Словенија. Откако малку ги оладивме главите го анализиравме натпреварот, видовме каде и што сме згрешиле, како да се поправиме. Не би сакал да се навраќам, тој натпревар го оставаме зад нас и се фокусираме на претстојните два меча од групата, наајпрвин денешниот со Шпанија, а потоа и оној решавачкиот против Исланд. Знаеме дека Шпанците се огромни фаворити, но ние веќе сме во осминафиналето и без преголем притисок ќе влеземе во овој меч, свесни дека можеме многу да добиеме, да се пласираме на тоа трето место. Секако дека ќе се обидеме да направиме изненадување, но овој дуел ќе биде еден вид на „тренинг“ за Исланд, бидејќи сите сме свесни дека тоа е клучниот натпревар за нас во битката за таа трета позиција“ – изјави Дејан Манасков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА