Македонија го претрпе и првиот пораз на мундијалот во Франција, сосема заслужен откако нашите ракометари беа целосно надиграни од страна на словенечкиот национален тим.
„Словенците одиграа квалитетно, но мислам дека главниот проблем беше во тоа што ние не бевме на нивото на кое што можеме да играме, нивото кое го достигнавме на дуелот со Тунис. Пред се потфрливме во одбраната, каде немавме одговор за нивната игра и ни недостигаше неопходната цврстина. Во нападот налетавме на расположениот Скок, кој ни одбрани многу зицери, имавме и избрзани шутеви. Проблем беше и што од самиот почеток останавме без Миркуловски, што ја исфрли од ритам нашата игра во двата правци. Промашивме премногу, а со таква слаба реализација не може да се очекува успех против ривал како Словенија“ – изјави Стефан Дрогришки.
Слабото прво полувреме беше причина младите ракометари да добијат шанса во вторите 30 минути. Дрогришки постигна два гола, со што беше трет стрелец на оваа средба, па младиот бек се надева дека неговиот придонес ќе се зголемува како што ќе тече мундијалот.
„Не сакам да коментирам сам за себе и за својот настап, тука е селекторот кој најдобро може да каже што јас и останатите млади играчи сме направиле како што треба, а на што треба уште повеќе да работиме. Се надевам дека од натпревар во натпревар придонесот на нас помладите ќе биде се поголем и ќе им дадеме соодветна помош на поискусните, чии совети ни се многу важни на овој мундијал“ – истакна бекот на Металург, кој минатото лето дојде во „Автокоманда“ од редовите на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА