Словенците ја прочитаа македонската репрезентација и со 29-22 ја запишаа и третата победа во групата Б на Светското првенство во Франција. Избраниците на Лино Червар одигрaа натпревар за заборав, а лошата игра во првите 15 минути придонесе за преостанатиот тек на натпреварот.
„Едноставно ние бевме прочитани денес. Ништо не ни одеше од рака. Словенците многу брзо се одлепија резултатски и ние го загубивме натпреварот уште во првите 15 минути. Словенија е една добра репрезентација и денес беа подобар противник и заслужуваат да им се честита. Пораз како пораз – боли, но на нас останува да избистриме глави и да се концентрираме понатаму. Некогаш имате добар шутерски ден, а понекогаш лош“ – вели Дејан Манасков кој немаше блескаво издание на денешниот, трет натпревар на овој Мундијал.
Следат дуели против Шпанија и Исланд, репрезентации на врвот на светскиот ракомет, а Манасков индиректно најави дека е време да се прават калкулации за понатамошен пласман.
„И со двете селекции сме играле досега неколку пати. Се познаваме така да нема што да се крие. Шпанија е голем фаворит, но треба да видиме како ќе се одвиваат и другите натпревари во нашата група. Селекторот и стручниот штаб ќе треба да одлучат дали ќе се оди на Шпанија со сите сили или пак ќе се чуваме“ – порача Манасков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА