По двете победи на стартот, Македонија го претрпе првиот пораз на Светското Првенство во Франција откако вечерва загуби на пресметката со Словенија (29-22). Дуелот кој требаше да биде израмнет и неизвесен мина во апсолутна доминација на противникот, голманот Скок прерано ги откажа нашите главни адути, па мечот го загубивме по само дваесетина минути игра. Червар немаше одговор ниту за одбраната, уште помалку за нападот на Веселин Вујовиќ, губејќи го балканскиот тренерски дуел од својот долгогодишен ривал.
Натпреварот го почнавме со напад „шест на шест“ и зона 6-0 во одбраната, набрзина поведовме со 2-1, но потоа влеговме во серија грешки и промашувања. Нелоски и Георгиевски промашија чисти шутеви, Лазаров не беше прецизен при вториот пенал, негово прво промашување од седум метри на овој мундијал, па Словенија го искористи за да дојде до брзо водство од 5-2. Мора да се истакне и дека во 4. Минута незгодна повреда заработи Миркуловски, кој беше изнесен од теренот, потоа накратко се врати, па повторно беше повлечен.
По десет минути игра и двајцата селектори тргнаа во нападот „седум на шест“, но Скок веќе влезе во ритам на голот на Словенија и одбрани два шута на Кире Лазаров и на Манасков. Скок во 16. Минута му одбрани уште еден удар на македоскиот капитен, по што од својот шестерец ја затресе празната мрежа на Македонија, за водство од 7-3. Одбраната воопшто не функционираше, голманите беа далеку од посакуваното ниво, а откако Словенија повторно погоди во празна мрежа и поведе со 11-6, Лино Червар се реши за тајмаут.
По тајмаут Талески влезе во игра на местото на индиспонираниот Нелоски, па новиот член на Некар Левен веднаш постигна гол и украде топка на спротивната страна. Стоилов беше единствениот расположен за игра во нашите редови, постигна гол, па изнуди пенал и исклучување, но борбениот пивот не можеше сам против расположениот словенски состав, кој доминираше во првото полувреме и на одмор замина со предност од 16-10. Клучен човек на полувремето беше голманот Скок со осум одбрани (шест од нив при ударите на Кире Лазаров), наспроти само две на македонските голмани.
Второто полувреме продолжи во ист ритам како и првиот дел, Червар се обиде и со Дрогришки кој веднаш постигна и погодок, но потоа следеше нова серија промашувања. Целото второ полувреме го одигравме без повредениот Миркулвски, по неколкуте промашувања од игра излезе и Манасков, но сите замени и обиди на нашите ракометари ги запре извонредниот Матевж Скок, кој во 52. минута му одбрани уште еден пенал на Лазаров, за своја 14. интервенција на натпреварот. Во самиот финиш двајцата селектори им дадоа шанса на дел од резервните ракометари, но противникот рутински ја одржуваше предноста се до конечните 29-22.
Кире Лазаров постигна девет гола од осумнаесет обиди (4/6 за пенал), Стоилов беше стрелец на три, а Дрогришки трет стрелец со два погодоци при оваа потпросечна партија.
Македонија утре е слободна, а в среда со почеток во 20.45 часот ќе го игра својот меч од четвртото коло против Шпанија. Нашите ракометари во секој случај уште утре би можеле да го визираат осминафиналниот билет, за што ќе им биде потребна услуга токму од Словенија, избраниците на Веселин Вујовиќ да победат или ремизираат на нивниот дуел со Тунис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА