Процесот на подмладување во нашиот национален тим е очигледен, а во преден план покрај повредениот Кузмановски се Филип Талески и Марко Нелоски, двајцата ракометари кои само неколку дена пред мундијалот ја предводеа младинската селекција до пласман на Светското Првенство во Алжир. Нелоски ја имаше и улогата на стартер против Тунис и се прикажа во добро издание, пред се во играта во дефанзива.
„Да се игра за Македонија на еден мундијал, па уште и како стартер, тоа е нешто неверојатно, чувство што не може да се опише. Фактот дека победивме ни донесе огромна радост, но знаеме дека ништо не е готово. Што се однесува до мојата игра, задоволен сум, но знам дека можам уште подобро и тоа ќе го покажам на следните натпревари“ – истакна Нелоски.
Филип Талески влезе во игра во финишот од првото полувреме и веднаш постигна два погодоци, а новиот „бомбардер“ на Некар Левен очекува слични и уште подобри изданија на претстојните средби.
„Мило ми е што учествувам на едно големо натпреварување и баш на тој натпревар добив шанса и ја искористив. Тие два гола се нешто што ќе го паметам уште долго, не е мала работа да се постигнат погодоци за Македонија на едно Светско Првенство. Сметам дека и во одбраната одговорив на задачите, можеби имаше одредени грешки во дадени моменти, но уверен сум дека ќе играм се подобро на следните натпревари на кои ќе добијам шанса. Пред нас сега е Ангола, мораме да се подготвиме бидејќи тоа е селекција што не престанува да трча во текот на сите 60 минути, може да одигра цврсто во одбраната. Целта ни е да одиграме исто, па дури и подобро отколку против Тунис, за да стигнеме до уште една победа“ – изјави Талески во пресрет на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА