Со само четири победи од 21 одигран натпревар, МЗТ Скопје се наоѓа закован на дното на таблета во АБА лигата. Оваа сезона Јадранското натпреварување е преголем залак за „металците“ кои немаат дерман од повреди. Анте Назор и на овој натпревар нема да има комплетен состав, но бара од играчите кои ќе му се стават на располагање да дадат сè од себе.
„Ова е исклучително важен натпревар за нас од кој едноставно мораме да излеземе како победници. Добро го познаваме Задар, ги знаеме сите предности и маани на нашиот противник и ќе се обидеме ова знаење максимално да го искористиме. Не сакам да потенцирам за проблемите со здравствениот билтен на играчите, тоа е нешто што постојано ни следи, туку од тие што ќе се појават на паркетот ќе барам максимална борбеност и пожртвуваност бидејќи само така може да се дојде до толку посакуваниот триумф. Оваа пресметка би моела да биде и своевидна пресвртница за нас, со оглед на распоредот кој го имаме во следниот период, но ништо само не да дојде до нас туку ќе мора да се избориме за тоа што го сакаме, а тоа е низа победи со кои би побегнале од дното на табелата“ – истакна Назор.
Зборовите на Назор ги потврди и Марко Симоновски кој во тековната сезона повеќе беше надвор одд терените отколку на нив поради обнова на стара повреда која го спречи и да настапи за националниот тим.
„Јасно ни е на сите дека пред нас е можеби најважниот дуел во досеганиот дел во сезоанта во кој едноставно не смееме да кикснеме. Задар е незгоден ривал, кој во повеќе наврати сезонава покажа дека знае добро да игра на гостински терен, но ова е натпревар во кој сè зависи од нас самите. Ако дадеме сè од себе, ако го оставиме срцето на паркетот и ако буквално изгинеме еден за друг тогаш сум сигурен дека не само што ќе победиме во оваа средба туку дека ова ќе биде своевидна точка на пресврт за МЗТ Скопје во АБА. Ако успееме во сето ова тогаш верувам дека ќе дојдат подобри денови за нас на теренот, но и за сите оние кои овој клуб им е при срцето, а немаа премногу можност за радост во досегашниот дел од сезоната“ – дополни симоновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА