СП може и за нас да почне – Тунис ни е како судбина на стартот од мундијалите

mec baner

Чекањето заврши, Македонија попладнево со почеток во 17.45 часот ќе го игра својот премиерен натпревар од СП 2017 во Мец, а за ривал го имаме стариот добар познаник – Тунис. Со африканскиот вицепрвак сме „судбински поврзани“, со оглед на фактот дека ова е петти мундијал на кој Македонија учествува, а третпат на стартот ќе се сретнеме токму со Тунижаните. Досегашниот скор е една победа (на СП во Катар) и еден пораз (на СП во Хрватска), но оној најтежок пораз го претрпевме пред нешто повеќе од осум месеци, кога оваа селекција стави крај на нашиот олимписки сон на пресметката во Гдањск.

Играчите се уште се присетуваат на поразот во Гдањск, кога беше уништен нивниот сон за Рио де Жанеиро. Јас им кажав да не размислуваат за никаква одмазда бидејќи одмаздата вообичаено не носи ништо добро“ – предупреди Лино Червар по вчерашниот тренинг, потенцирајќи дека мора да се игра максимално смирено, со срце, но и со „ладни глави“ против незгодната африканска селекција.

Ракометарите се свесни за големината на предизвикот, уште повеќе што за првпат Македонија влегува во групната фаза во улога на аутсајдер.

Секогаш атакуваме на пласман во следната рунда, истото е случај и овојпат, иако е малку чудно чувството бидеји веќе ја немаме улогата на фаворити. Можеби на нас се гледа како на аутсајдери, но мотивираноста е иста како секогаш – со желба да се стигне што подалеку. Секој од нас ќе гори од желба по поразот во Гдањск, но треба да бидеме внимателни да не „изгориме“ во таа желба. Го анализиравме Тунис, тоа е една сериозна репрезентација, но и таа има свои слаби страни кои ќе треба да ги искористиме. Одбраната на Тунижаните не е така силна, верувам дека можеме да најдеме начин да ја пробиеме, со што би си ги зголемиле шансите за победа“ – истакна Дејан Манасков во пресрет на денешниот меч.

Мундијалот почна со перфекцијата на Франција, следеше лесна победа на Словенија, нека продолжи и со прва македонска радост во Мец.

Се вчитува...