Филип Талески е првата асоцијација кога станува збор за подмладување на сениорската репрезентација. 20-годишниот лев бек кој неодамна го официјализираше својот трансфер од Металург во Рајн Некар Левен, е еден од предводниците на новата генерација и освежувањето во сениорскиот состав. Талески настапи на олимписките квалификации во април минатата година, но вели дека ова СП во Франција за него и за целиот тим ќе биде уште поголем предизвик.
„Прв пат сум со сениорската репрезентцаија на светско првенство и за мене ова е важно натпреварување. Претходно два пати бев на подготовки со сениорскиот состав и ова ми е трета среќа конечно и да заиграм на едно големо натпреварување. Очекувам, и ако добијам шанса, ќе дадам максимум од себе за да и помогнам на нашата репрезентација да направивме добар резултат на ова СП“ – вели Талески.
Репрезентацијата на Тунис ќе биде првиот тест и првата проверка за „новата Македонија“ како што посочуваше често селекторот Лино Червар во пресрет на мундијалот. Филип Талески и Марко Нелоски се двајцата најмлади играчи во нашиот состав на ова СП и тие што треба да внесат нова свежина и брзина во играта. Вели дека се подготвени и посебно мотивирани на првиот дуел со Тунис.
„Подготвени сме и знаеме што не очекува. Сепак се работи за едно големо светско натпреварување со светски репрезентации од самиот врв, како што е една Шпанија во нашата група, Словенија, Исланд, Тунис, со кој имаме лошо искуство од претходно. Секако и ние не сме репрезентација за потценување. Знамеме да играме ракомет. Добро се подготвувавме, мислам дека сме максимално физички подготвени исто така и тактички. Добро ја анализиравме репрезентацијата на Тунис. На стартот на СП не очекува тежок натпревар и секој од нас ќе даде максимум. Во олимписките квалификации Тунижаните имаа мал хендикеп имаа проблеми, неколку играчи им недостасуваа, можеби тоа и беше проблем за нас, затоа што очекувавме да биде многу полесно. Сега се комплетни, знаеме дека Тунис има еден малку поинаков стил, и мислам дека не очекува тешка борба. Тунижаните имаат една гранитна одбрана и од неа влечат контри и полуконтри. Ќе мора да сме подготвени на тоа трчање и на таа борба и да одговориме со иста цврстина во играта. Се надевам дека ќе оставриме еден позитивен резултат и дека ќе го почнеме со победа ова СП“ – оптимистички најавува младиот бек на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА