ЕКИПА во Мец,
Стеван Цаневски, Билјана Благоеска Петрушева
Мирно е во Мец попладнево, на помалку од 24 часа пред стартот на возбудувањата во рамките од групата Б од мундијалот во Франција. Пусто е пред „Мец Арена“, каде триесетина работници работат на „шминкање“ на салата каде нашите ракометари утре ќе излезат на мегдан со Тунис.
А токму Тунижаните се очекува да го имаат главниот збор на трибините во салата, со оглед на најавите дека неколку илјади фанови на африканскиот вицешампион ќе се појават утре да ги бодрат своите миленици против македонските репрезентативци.
„Денеска е пусто и мирно, но утре ќе биде „лудо“. Тунижаните знаат како да направат атмосфера, а вам ќе ви биде тешко да го издржите притисокот од трибините“ – коментираа дел од волонтерите во салата.
Сепак, „црвено-жолтите“ веќе покажаа дека знаат да се справат со ваков притисок, пред две години во Доха го декласираа Тунис и покрај огромната поддршка што противникот ја имаше од трибините. Останува утре да го повторат истиот успех, па со победа да го отворат и овој мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА