Европскиот шампион Германија се соочува со неочекуван проблем на само еден ден пред официјалниот почеток на мундијалот, откако беше обелоденето дека настапот на Уве Генсхајмер на претстојното Светско Првенство е крајно неизвесен.
Не станува збор за повреда, туку за семејна трагедија откако во текот на вчерашниот ден починал таткото на ракометарот на ПСЖ. Уве бил во шок и му било дозволено веднаш да го напушти националниот тим и да се упати кон своите најблиски, а челниците на репрезентацијата очекуваат самиот ракометар да реши дали ќе може да настапи на мундијалот во Франција.
„Уве Генсхајмер самиот најдобро се познава и може да процени дали во следниот период би можел да биде максимално фокусиран на ракометот и репрезентацијата. Затоа, тој самиот ќе ја донесе одлуката дали ќе игра на СП или не“ – изјави Боб Хенинг, потпретседател на Германската Ракометна Федерација.
Германија е дел од групата Д на СП 2017 заедно со селекциите на Унгарија, Хрватска, Белорусија, Чиле и Саудиска Арабија. Европските шампиони својот прв меч во Франција ќе го играат в петок, кога за противник ќе ја имаат селекцијата на Унгарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА