Првата група од македонски навивачи замина утрово од Скопје за Мец, каде нашите ракометари од четврток ќе ги почнат настапите во рамките од групата Б од Светското Првенство во Франција. Во групата од триесетина фанови кои со автобус ја почнаа својата одисеја кон Франција се најдоа и татковците на двајца наши долгогодишни репрезентативци, Марко Миркуловски и Климе Стоилов, кои продолжуваат да го следат националниот тим секаде каде што „црвено-жолтите“ играат на големите натпреварувања.
Патот од Скопје до Мец е долг околу 1.800 километри, но поради лошите метеоролошки услови се очекува истиот да трае околу 40 часа, така што навивачите би пристигнале во градот-домаќин на групата Б ноќта вторник кон среда.
Најавено е дека Македонија на ова Светско Првенство ќе ја бодрат околу 100 фанови од нашата земја, плус Македонци од Франција и околните земји кои веќе купиле билети за натпреварите во Мец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА