Војдан Стојановски продолжува со одлични настапи во дресот на Бетис, помагајќи му на овој тим да земе уште еден скалп на голем фаворит во шпанската „Ендеса“ лига. По Реал Мадрид и Билбао, кошаркарите на Бетис попладнево го совладаа и фаворизираниот состав на Уникаха, триумфирајќи на домашен терен со 76-68.
Тимот на Стојановски, чиј тренер е Жан Табак, го контролираше резултатот во речиси целиот натпревар. Уникаха не дозволуваше Бетис целосно да се одлепи, па гостите опасно се приближија на две минути до крајот, кога резултатот гласеше 67-64. Токму тогаш блесна капитенот на македонската репрезентација, кој најпрвин фати офанзивен скок по промашувањето на Нахбар, па веднаш потоа погоди тројка. Војдан во следниот напад на Бетис реализираше нови два поени, со што целосно ги закопа гостите од Малага, носејќи му нов значаен триумф на својот тим.
Зад името на македонскиот репрезентативец на крајот на натпреварот останаа запишани 11 поени и четири скока за 27 минути игра, со што Стојановски беше втор стрелец на Бетис, зад Локет кој постигна 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА