На серијата од 28 победи на тениските турнири на Енди Мареј и дојде крајот, откако првиот светски рекет загуби во големото финале во Доха. Скалпот на Британецот го зеде неговиот добар пријател, воедно и најголем ривал – Новак Ѓоковиќ, кој со денешната победа во дела ги претвори зборовите дека планира што поскоро да се врати на врвот на АТП-листата. Мареј играше како вистински „број еден“, се врати од невозможна ситуација во вториот сет, но Ѓоковиќ сепак го имаше последниот збор, славејќи во решавачкиот сет со 6-4.
Српскиот тенисер играше како во своите најдобри денови, не дозволувајќи му на противникот да го диктира темпото, воедно и максимално користејќи ги шансите што му се укажаа. Ѓоковиќ се мачеше само при првите два гејма на свој сервис, при што Мареј стигна и до една брејк можност што не ја искористи. Потоа Новак доби на сигурност, со леснотија го добиваше својот сервис, па максимално ја искористи и шансата кога му се укажа. При 4-3 за Ѓоковиќ Мареј влегуваше од грешка во грешка, па со еден голем аут при брејк поенот за противникот му го подари сетот на големиот ривал. Мора да се истакне и куриозитетот во овој прв сет, Новак Ѓоковиќ ги доби сите поени на својот втор сервис, нешто што многу ретко се случува на тениските мечеви од највисока класа.
Вториот сет повторно донесе израмнета игра и повторно Мареј не ја искористи својата брејк шанса. Казната стигна експресно, Ѓоковиќ ја искористи втората брејк можност при 3-3. Победата беше на дофат, Ѓоковиќ имаше 5-4 и 30-0 на свој сервис, потоа не искористи и две меч топки, по што Мареј стигна до брејк. Србинот ги загуби нервите, во следниот гејм го скрши рекетот, при наредниот сервис повторно влегуваше од грешка во грешка, па Енди Мареј на фантастичен начин успеа да го сврти сетот во своја корист (5-7) и да израмни на 1-1.
Многумина очекуваа „тотален распад“ на Новак, но српскиот тенисер со психолошката стабилност потсети на своите најдобри денови. При резултат 3-3 стигна до три брејк-топки од кои ја искористи веќе првата, стекнувајќи се со огромна предност во решавачкиот сет. Тој ги доби следните два гејма на свој сервис без поголеми проблеми, за одбрана на пехарот во Доха (6-3, 5-7, 6-4) и зголемувањње на самодовербата пред Австралија опен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА