Црвена звезда продолжува со извонредните настапи во Евролигата, па по големиот триумф над ЦСКА на крајот од 2016, шампионот на АБА-лигата со убедлива победа ја стартуваше и новата година, и тоа на гостински терен во Литванија над Жалгирис со 61-77. Триумфот можеше да биде и многу поубедлив со оглед на лекцијата што „црвено-белите“ им ја одржаа на домаќините во првото полувреме, добивајќи ја стартната четвртина со 7-21, а потоа и вториот период со 15-26. Третиот период мина во израмнета игра, за потоа избраниците на Радоњиќ во последните 10 минути да ја намалат агресивноста во одбраната и да им овозможат на домаќините да ја спуштат разликата под 20 поени.
Симоновиќ со 16 и Лазиќ со 15 поени беа најефикасни во новата победа на „црвено-белите“, во чии редови не дебитираше Американецот Дион Томпсон, кој неодамна пристигна од редовите на Галатасарај.
Фенербахче дефинитивно игра далеку под своите можности, откако европскиот вицепрвак многу потешко од очекувањата стигна до победа на домашен терен против Милано. Италијанскиот првак важи за најслаб тим во Евролигата сезонава, но Фенер триумфираше со 86-79 кршејќи го отпорот на гостите дури во последната минута, кога Нанали постигна тројка за „плус четири“ и ја осигура победата. Токму Нанали беше најефикасен со 19 поени, еден повеќе од Удох, додека Перо Антиќ одигра само две минути на оваа средба, не успевајќи да се запише меѓу стрелците.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА