Каталонскиот гигант Барселона на клупата сака да го донесе германскиот тренер Јирген Клоп, најавуваат британските и шпанските медиуми. Германецот од октомври 2015 година го предводи Ливерпул, но се поизвесна е неговата преселба во Шпанија. Според најавите во медиумите, Барселона подготвува „неморална“ понуда за Клоп со високо обесштетување за Ливерпул што тешко ќе може да се одбие.
На сегашниот тренер на Барселона, Луис Енрике, договорот му истекува на крајот на сезоната, а нема најава за негово продолжување. Енрике веќе подолго време е под притисок заради лошите настапи на Барселона која моментно е на второто место во Примера со три бода помалку од Реал Мадрид кој има и натпревар помалку. Барселона под водство на Енрике освои осум трофеи меѓу кои е и титулата во Лигата на шампионите во 2015 година и две во шпанското првенство (2015, 2016), но се погласни се шпекулациите дека тој на крајот на сезоната ќе го напушти „Камп Ноу“.
Доколку раководството на Барселона не успее да го донесе Клоп, како втора алтернатива за клупата на каталонците се споменува Холанѓанецот Роналд Куман, кој сега го предводи Евертон. Куман шест сезони беше играч на Барселона со која во 1992 година ја освои и Лигата на шампионите, а потоа во периодот од 1998 до 2000 тој му беше помошник на својот сонародник, Луис Ван Гал на клупата на каталонскиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА