ЕКИПА во Загреб,
Стеван Цаневски, Билјана Благоеска Петрушева, Игор Паневски
Борко Ристовски го пропушти последниот Mундијал во Франција, но годинава се враќа на голот на Македонија на големите натпреварувања. Мотивиран како и секогаш, тој го очекува стартот на ова ЕП почнувајќи од денешната пресметка со Словенија, свесен дека конечниот исход на овие натпревари многу често зависи токму од голманите.
Македонија се наоѓа во незгодна група, секој од ривалите има свои адути, а македонскиот „министер за одбрана“ накратко ги анализира противниците, посочувајќи ги играчите кои ги смета за најопасни по неговиот гол.
СЛОВЕНИЈА – Силниот колектив е главна одлика на словенечкиот состав, секој играч може да блесне во одреден момент. Имаат проблеми со отсутните ракометари, но остануваат подеднакво опасни како и доколку беа комплетни. Ако треба да се издвои главна опасност, таа сигурно ќе доаѓа од Миха Зарабец и Марко Безјак, двајцата средби бекови. Не само што знаат да влезат во голгетерски ритам, туку и одлично го разигруваат остатокот од тимот, беспрекорно соработуваат со пивотот, но и со крилата. Затоа, клучно е да ги неутрализираме двајцата главни организатори на играта на Словенија.
ЦРНА ГОРА – Противник што многумина го сметаат за аутсајдер, но кој знае да биде многу незгоден и никако не смее да биде потценет. Борозан ќе беше главна опасност по нашиот гол доколку играше, а во една ваква ситуација ќе треба да обрнеме големо внимание на Шеваљевиќ, кој ќе ја преземе лидерската улога и ќе раководи со нападите на Црногорците. Исто така, овој противник има незгодни ракометари и на позицијата десен бек.
ГЕРМАНИЈА – Репрезентација што е актуелен европски шампион, што во своите редови има бројни врвни ракометари и сигурно ќе стори се за да ја одбрани круната. Опасност доаѓа буквално од сите страни, но ако треба да се издвои една „ѕвезда“ тоа сигурно е Уве Генсхајмер. Левото крило важи за ракометен велемајстор, јас имам настапувано со него во Некар Левен, но тоа нема преголемо значење, многу врвни голмани играле со Уве, но кога ќе дошле на спротивната страна од него немале решение.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА