Митревски – MAN OF THE MATCH: Гремо, Словенци, шутнете посилно…

Луд натпревар, фантастична победа. Славјето на „Фалангата“ ќе трае сигурно до рани зори во Загреб, а ракометарите секако ќе треба да заминат на заслужен одмор. Треба да се сумираат и впечатоците.

Кире Лазаров е главниот војсководец и кај Раул „ел команданте“, Манасков ја покажа својата фуриозност во второто полувреме, Стоилов водеше војна на шест метри, Миркуловски како и секогаш го даде и последниот атом од силите, а Јоновски ги „истепа“ сите Словенци. Георгиевски е „рентген“ кога ќе добие топка на крило, Прибак и Талевски секако си ја одиграа својата улога, а Борко Ристовски фати две – три важни топки, иако „министерот“ знае и многу подобро. Филип Лазаров постигна можеби клучен гол, но MAN OF THE MATCH е Никола Митревски.

Раул нареди реконструкција на кабинетот во текот на мечот, „министерот Борко“ му го препушти местото на Митревски, а тој се претвори во Супермен со сто раце…Имаше девет одбрани, но уште поважно, ја „оживеа“ Македонија, ја врати во живот во моментите кога имавме негатива. Во еден период беше несовладлив, а Словенците не знаеја што ги снајде. Беше вистински одговор за Матевж Скок, кој исто така беше одличен на спротивната страна.

Митревски ја врати машинеријата на Раул во вистински колосек, а потоа со поддршка од „Фалангата“ падна третата светска ракометна сила, Словенија…Убав, прекрасен почеток на Европското првенство за Македонија.

 

 

Се вчитува...