Што се случува на „Сантијаго Бернабеу“? Тимот што деливаше како казнена експедиција минатата сезона и освои пет трофеи, сега е непрепознатлив. Тогаш тренерот Зинедин Зидан добиваше комплименти од сите страни, но сега Французинот се наоѓа пред отказ. Најновата шлаканица пристигна вчера од Вилјареал, кој успеа да слави на гости (0-1) против реал Мадрид.
Актуелниот европски и светски клупски првак во Ла Лига игра очајно, и досега пропушти повеќе бодови отколку целата ланска сезона. Минатиот шампионат „кралевите“ пропуштија 21 бод од максималните 114, а досега веќе имаат „прокоцкано“ 22, со оглед на четирите порази и петте ремија. Надежите за одбрана на шампионската титула во Шпанија одамна се загубени, но срамот да биде поголем, Реал Мадрид бодовно е поблиску до тимовите кои се во зоната за испаѓање, отколку до лидерот и најголем ривал Барселона.
Главната дилема е сега дали да му се даде поддршка на Зинедин Зидан, или пак да се побара ново решение за клупата. Французинот со својот тим оваа сезона по 19 кола освои 32 бода, или пет помалку од тимот кој го предводеше Рафаел Бенитез во сезоната 2015/16. Шпанецот тогаш доби отказ, а го наследи токму Зинедин Зидан.
Покрај тоа, непрепознатлив е и Кристијано Роналдо, а во страшна голгетерска криза се и Карим Бензема и Герет Бејл. Клубот не купи квалитетни засилувања изминатото лето, а си заминаа Алваро Мората и Хамес Родригез. Исто така и Марко Асенсио не ја добива потребната шанса од Зинедин Зидан…
На „Сантијаго Бернабеу“ се бараат многу одговори…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА