Фенербахче го „надмудри“ шесткратниот европски првак

Актуелниот европски шампион, тимот на Фенербахче го совлада Панатинаикос со резултат 67-62, во големото дерби од вториот ден од 18. коло во Евро – лигата. Кошаркарите на Обрадовиќ се реваншираа на грчкиот состав за поразот од Атина при првата пресметка сезонава, во дуел со слично сценарио во кој победникот се одлучуваше во самиот финиш.

„Фенерите“ наидоа на проблеми на стартот од натпреварот откако грчките кошаркари поведоа со 20-18, но до паузата успеаја да ја превземат контролата (35-30). Во продолжението нови проблеми за домаќините, по неколку нереализирани напади дозволија иницијативата да биде во корист на Панатинаикос. Сепак, оправдувајќи ја улогата на „благ“ фаворит Фенер во финишот го издржа притисокот и осигура важни бодови, при тоа се одмазди на грчкиот тим за поразот од Атина.

Томсон беше најефикасен меѓу домашните кошаркари со 14 поени, Весели додаде 12, Слукас заврши со 11 поени. Само Сигнлтон и Калатес имаа двоцифрен учинок за ПАО, центарот заврши со дабл-дабл учинок од 14 поени и 11 скока, додека Калатес реализираше еден поен помалку.

Претходно во првиот дуел од денешната програма, ЦСКА Москва му нанесе дебакл на екипата на Анадолу Ефес со високи 110-79. Тимот од Москва предводен од главните адути се зацврстува на врвот на табелата со 14. победа по 18. коло во континенталното натпреварување. Хигинс беше најефикасен со 21 поен за ЦСКА, Родригез и Де Коло допринесоа со 16, односно 15 поени. Брок Мотум беше најрасположен од кошаркарите на турскиот претставник со 19 поени, Зоран Драгиќ додаде 11.

 

 

 

Се вчитува...