ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Филип Миркуловски во интервју за ЕКИПА пред почетокот на овој европски шампионат искрено говореше за желбите на ова ЕП, да се направи чекор понапред од Србија и Македонија да влезе во битката за медал. Многумина тогаш не го сфатија сериозно, но неговите зборови станаа стварност – Македонија го освои првото место во групата, пред Германија, Словенија и Црна Гора.
„Реков и тогаш, треба да престанеме да се задоволуваме со мали работи бидејќи оваа репрезентација навистина поседува квалитет. Ни треба малку среќа, ја имавме, како и поддршка од трибините која е навистина фантастична во Загреб. Веруваме во себе, јавноста има верба во нас и тоа ни помага да стигнеме до овој фантастичен резултат. Не беше нималку лесно да се игра против Германците, одигравме одличен натпревар и заслужено стигнавме до ова реми“ – изјави Миркуловски.
Македонската репрезентација е подготвена за предизвикот што го носи групата во Вараждин, а добра вест е испаѓањето на Унгарија, земјата што сигурно ќе имаше најмногу навивачи доколку го продолжеше натпреварувањето.
„Добро е што ги нема Унгарците, и за местото во салата за нашите фанови, но и поради фактот дека не ни лежат како противник. Чешка сигурно не е лесен противник, но добро се познаваме, имаме добри резултати во последно време и ќе сториме се за да победиме. Шпанија и Данска се селекции од елитата, но веќе покажавме дека можеме да играме со секого“ – истакна Филип Миркуловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА