Билјана Благоеска Петрушева
Добро е што сме први во групата, да здивнеме малку овие три дена до Шпанија. Не за друго!!! А, бе кога го ставивме „во џеб“ и европскиот првак, може сега да пуштиме срце и со мерак да му се радуваме на успехот. Па и да се почаламиме малку, онака мераклиски, македонски среде Загреб. Ние и Франција, тие сме! Единствените две непоразени по првиот круг на ЕП. Добро, и Германците, ама тие имаат две ремија.
„Ние не сме Данци, Швеѓани или Германци, ама сме полуди од сите нив заедно“ – ги насмеа Борко Ристовски хрватските новинари кога го прашаа за македонскиот феномен. И оној на терен и оној на трибини.
Се обидувам да соберам во неколку реченици се она што се случуваше вчера во „Арена“, синоќа во „Роко“ и денеска на испраќање на ракометарите од „Панорама“.
Не може. Има многу што да се запише. Ретки се ваквите моменти.
Она на терен го видовме и го преживеавме некако. Она после, вредно колку и секој гол и секоја одбрана на терен. „Фалангата“ во транс, репрезентацијата пак ни дише како еден. Секој секого поддржува. А, кога тоа почнува со „брат, слушај ова…“ знаеш дека работите се на свое место. Некој ќе рече, лесно е сега, победите си прават атмосфера. Ама и атмосферата и хемијата во тимот си прави победи. И Раул Гонзалес, нормално. Некој синоќа предложи „ел команданте“ да го унапредиме во „врховен заповедник“. Се прифаќа, без збор!
Нешто гарант ќе пропуштам, ама еве ги оние неколку моменти што прават милина во успехот на македонската репрезентација.
– Кире Лазаров и до него „малите“ Филип Талески и Филип Кузмановски, во стартна постава и во прекрасна синергија. Слика што ја чекаме одамна. Доверба, одговорност, чест…Се во едно. Браво „команданте“ (не му го одземам врховниот чин, само „команданте“ е некако позгодно за пишување).
– Столе Стоилов го промаши оној шут за победа и жив се изеде. Не бара оправдување, туку онака искрено „до коска“ ќе рече:
„Срце ме боли, луѓе мои…“ , а потоа и да се пошегува на своја сметка: „Ама шраубата била добра! Ме лажат ко мало дете со лижавче…“
Кој може да му се налути?
Сите сме Столе!
-Раул насмеан и горд на Македонија и на своите момци во тимот. На сите до еден, од прв до последен. Некои порано велеа „толку ви се можностите, со овие играчи до тука е…“. А, Раул вели „може“, „супер е“….
– Последниот тајм-аут кога колективно се кроеше тактиката за Германците и секој бараше начин да помогне, па макар и со „лажен цепелин“. Репрезентацијата што се справи со „златните“ и со „бронзените“ го имаше „жарот“ на „заиграни деца“ што уживаат во играта.
– „Истрижените“ глави на Деки и на Филип за првото место во групата како облог. Столе им го зеде „скалпот“. Има и нов облог. Велат, ако стигнеме до полуфинале „ќе го стрижиме“ и капитенот. Ацо Јоноски и Кире Лазаров чекаат на ред.
Берберницата „Кај Столе“ ќе работи и во Вараждин. Само нека продолжи серијата…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА