ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Филип Талески од натпревар во натпревар игра се подобро на овој европски шампионат, а по извонредното издание издание и шесте погодоци против Германија, се очекува младиот бек да продолжи во ист ритам и на следните пресметки во Вараждин.
„Не стануваше збор за некаква блокада претходно, но во секој случај ми е мило што играм се подобро и што давам се поголем придонес во резултатите на нашата репрезентација. Желба ми е да продолжам во ист ритам, но на крајот на краиштата ова е колективен спорт и најважно е Македонија да победува, а личните бројки во ниту еден случај не се во преден план“ – истакнува Талески.
Кај членот на Рајн Некар Левен, како и кај сите останати ракометари, владее задоволство од добрите игри досега, но и оптимизам пред предизвиците што претстојат во следните денови.
„Првиот круг го заокруживме со пласман во втората фаза, искрено не очекувајќи дека би можеле да пренесеме три бода во следната рунда. Ни се отвораат сите патишта, ваква шанса добиваме сега мораме да ја искористиме бидејќи најверојатно нема да ни се укаже уште еднаш. Сега пред нас е дуел со Шпанија, селекција од самиот европски врв која редовно стигнува најмалку до полуфиналињата од големите натпреварувања. Треба да бидеме со ладни глави, максимално да ги слушаме советите на тренерот и верувам дека можеме да ја продолжиме серијата добри партии на овој шампионат“ – оптимист е левиот бек на македонскиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА