Јан Филип: Долго не сме играле со Македонија, речиси пола година!

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Во последните шест години, Македонија и Чешка дури шест пати играле меѓусебе во квалификациските циклуси или на европски првенства. На таа судбинска поврзаност со Македонија во пресрет на денешната пресметка на ЕП во Хрватска потсети и тренерот Јан Филип кој во тандем со Филип Кубеш ја предводи Чешка од клупата.

„Па, долго време не сме играле со нив, речиси половина година“ – се пошегува Филип.- „Македонија е нашиот традиционален ривал секоја година, се познаваме многу добро. Овде Македонците ќе имаат домашна публика. Нивните фанови уште во групната фаза на тимот му направија бурна атмосфера. Очекуваме така да биде и овде во Вараждин и да бидат силна поддршка за противникот. Поддршката за Македонија овде ќе биде уште поголема од онаа што ја имаа Унгарците“.

Правејќи споредба со претходните дуели, чешкиот тренер нагласува дека Македонија под водство на Раул Гонзалес е подобро подготвена и игра многу подисциплинирано.

“Под водство на Раул Гонзалес, Македонија направи голем чекор напред. Играат поубаво, играат поинаку. Тој им донесе повеќе дисциплина и повеќе работа. Тие играат многу добро и според мене, беа најголемо изненадување во првиот дел од ЕП. Мислам дека имаа шанси да стигнат далеку ако ја победеа Шпанија. Во секој случај, мислам дека Македонија сега игра многу подобро од она што го играа минатата година на натпреварот кај нас во Плзен“ – истакнува Јан Филип.

Дуелот Македонија-Чешка се игра денеска со почеток во 20.30 часот во Вараждин, во рамките на второто коло од главната фаза на ЕП во Хрватска. И Македонија и Чешка во вториот круг стартуваа со порази. Македонија загуби од Шпанија, а Чесите беа совчадани од Германија.

Се вчитува...