Чесите како судбина – Македонија јубилеjно на ЕП против Чешка

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонските ракометари вечерва (20.30 ч.) во Вараждин играат против Чешка, во вториот натпревар од главната фаза на ЕП во Хрватска, по кој ќе бидат разрешени и многу дилеми околу конечната разврска во групата. Денешниот натпревар со Чешка, со која редовно ни се вкрстуваат патиштата последниве неколку години, што во квалификациите што на првенствата, ќе биде јубилеен 200 официјален за македонската репрезентација и 30.натпревар на Македонија на европските првенства.

Македонија и Чешка досега имаат одиграмо 13  меѓусебни средби и биланост е поделен – по пет победи за секоја репрезентација и три нерешени. Од овој статистички дел, интересно е дека Македонија токму во дуелите со Чешка ја има нависоката победа, но и најтешкиот пораз на европските првенства. Поразот беше на првиот настап на Македонија на ЕП 1998 година во Италија, кога Чесите славеа со 38-18. Највисоката победа пак ја бележиме на ЕП 2012 во Србија кога Македонија во групната фаза во Ниш ја победи Чешка со 27-21.

И последниот натпревар од квалификациите за ова ЕП 2018 во Хрватска, македонските ракометари го играа против Чешка кога во Скопје славеа со 33-20 и се реваншираа за поразот од Плзен (28-35).

„Се е различно од тој натпревар, на пример не играат исти играчи. Треба да гледаме и да анализираме како игра чешката репрезентација во овој состав. Има добри квалитетни играчи, имаат добра одбрана, добар голман, добар среден бек. Имаат се. Сега треба да го заборавиме поразот од Шпанија и да играме затоа што имаме шанса“ – изјави вчера селекторот Раул Гонзалес.

И од чешкиот табор потенцираат дека односот на силите сега е малку подруг со акцент на новиот стил во кој игра Македонија на ова ЕП.

Играат поубаво и поинаку. Македонија под водство на Раул Гонзалес направи голем чекор напред. Тој им донесе повеќе дисциплина во играта и повеќе работа. Тие играат многу добро и според мене, беа најголемо изненадување во првиот дел на ЕП. Овде Македонците ќе имаат и домашна публика. Нивните фанови уште во групната фаза направија бурна атмосфера. Ќе имаат силна поддршка и во Вараждин“ – рече тренерот Јан Филип кој во тандем со Филип Кубеш ја предводи Чешка од клупата.

Македонија вио групната фаза имаше две победи и едно реми и пренесе три бода во Вараждин. Чесите пак го завршија првиот дел со две победи и еден пораз. Стартуваа катастрофално и загубија од Шпанија со 17 гола разлика (32-15), но потоа направија изненадување о триумфот против Данска (28-27), а потоа ја исфрлија Унгарија од игра (33-27).

Во главната фаза и Македонија и Чешка стартуваа со порази. Чесите по тешка борба загубија од Германија (19-22), а Македонија капитулира пред Шпанија (20-31).

Во однос на составите, Раул Гонзалес ќе ги има на располагање истите играчи што настапија и против Шпанија. На списокот е и капитенот Кире Лазаров кој до вчера беше неизвесен поради повредата на мускулот на ногата. Чесите пред дуелот со Македонија ја засилија пикерската линија. Во составот дополнително беше повикан Петр Шлахта, а на трибините се пресели Степан Земан.

Во вториот натпревар од вараждинската група денеска играат и Словенија – Шпанија, а одмораат Данска и Германија. Според моменталната состојба на табелата води Данска со 6 бода (натпревар повеќе), по 4 бода имаат Шпанија и Германија (+1), Македонија е на 4.место со 3 бода, Чешка е зад нас со 2, а на дното на табелата е Словенија со 1 бод.

Се вчитува...