Борко Ристовски и Никола Митревски добро го чуваа голот на македонската репрезентација на Европското првенство во Хрватска, според статистиката и оценката на тренерот на голманите во македонската репрезентација, Александар Царчев. Во конечниот пласман, Македонија заврши на 11.место на првенството, но според голманскиот учинок, македонската репрезентација е меѓу осумте најдобри на ова првенство. Двајцата македонски голмани на шестет одиграни натпревари имаа 77 одбрани од 241 шут кон голот или 32 проценти на успешност. Од тоа 75 одбрани беа од 224шут од поле каде вкупниот процент на македонските голмани изнесува 33%, а 2 од 17 од седмерец (12%).
„Секогаш може и подобро, меѓутоа задоволен си кога знаеш дека си го дал својот максимум. Нашите голмани беа добро подготвени за ова европско првенство. Дефинитиво, ако голманите одбранат над 30 проценти, тогаш има голема шанса за успех, тоа го кажав и пред почетокот на првенството. Генерално, сум задоволен од настапот на нашите голмани во тие шест натпревари на ЕП, иако секогаш може и повеќе, во спортот за да успееш мораш да целиш кон повеќе“ – истакнува тренерот на голманите во македонската репрезентација, Александар Царчев.
Потенцирајќи го искуството и квалитетот на актуелните репрезенаттивни голмани, што се потврди и на ова ЕП, Царчев истакнува дека во наредниот период покрај нив треба да созреваат и голманите од помладата генерација.
„Она што мене ме радува е што има можност за напредок во иднина. Во репрезентацијата во иднина треба да се вклучат и помлади голмани, кои во наредните неколку години ќе може да учат од поискусните и полека ќе влегуваат во репрезентативен ритам и ќе се борат за своето место. Главно, треба да се продолжи плански и да се работи во континуитет. На ова првенство сите гледаа со респект кон нас. Треба да го задржиме тој ритам и во иднина, ако биде се во ред, полека, полека треба да воведуваме и други помлади играчи во репрезентацијата и на голманската и на другите позиции“ – вели Царчев.
Во генералната оценка за настапот на македонската репрезентација на ЕП во Хрватска, преовладуважалење за пропуштената историска шанса во втората фаза од шампионатот. Македонија имаше одличен старт и три натпревари без пораз, лидерска стартна позиција во главната фаза и потоа загубен ритам и три порази по ред. Тоа на крај не спушти на дното на табелата во овој дел од првенството и пласман на 11.место во вкупниот поредок на ЕП.
„Од пласманот сигурно дека не може да бидеме задоволни затоа што имавме историска шанса и никогаш претходно не сме биле поблиску до полуфинале. Општиот заклучок е дека, според играта шти ја прикажавме, најреално ќе беше да играме за 5.место“ – истакнува тренерот во македонската репрезентација.
На последните три натпревари, Царчев беше на македонската клупа како помошник на селекторот Раул Гонзалес по заминувањето на Роберто Парондо на средина на превенството. Од таа перспектива тој ги анализира шесте натпревари што ги одигра Македонија на ова ЕП во Хрватска.
„Првенството го почнавме многу добро во првите три натпревари во Загреб. Со Словенија имавме исклучително тежок натпревар. Против Црна Гора малку паднавме, но потоа успеавме да се вратиме по негативата. Во дуелот со Германија ни недостасуваше и малку спортска среќа. Во втората фаза во Вараждин тргнавме малку потешко. За нас се покажа неповолен тој систем на ЕХФ, три дена е голема пауза, се губи ритамот. И после тоа ни се погоди Шпанија и тој пораз на стартот од втората фаза. Шпанците не беа толку силни колку што бевме ние немоќни против нивната 6-0 одбрана. Загубивме многу топки, па дојде повредата на Кире Лазаров, младите малку беа шокирани во мечот и на крај сите бродови ни потонаа. Со Чешка одигравме перфектно во поглолем дел од натпреварот, но на крај со неколку грешки, ја дадовме победата. Во последниот меч со Данска одигравме многу добро во првото полувреме, но не издржавме кога се кршеше резултатот и во второ полувреме како однапред да се предадовме. Тоа е цената на младоста и на неискуството. Мислам дека Раул тоа свесно го направи, им даде поголема минутажа и шанса за да созреат младите играчи низ вакви тешки натпревари“ – оценува Александар Царчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА