Ај што Раул зборува на македонски, туку пола Македонија вчера што честиташе титулата на шпански!
1.Македонија да ти го отвори патот
Го чекавме со месеци и на крај и ова ЕП си помина за час. Шпанија конечно ја освои првата европска титула. Шведска ги собра симпатиите. Франција остана фаворитски разочарано – утешена со „бронза“. Хрватска многу сакаше, малку можеше. Македонија брзо блесна, брзо и згасна и на крај остана пак 11-та.
Ако е за утеха, ние имавме три, Шведска завршивме со четири порази, само што Швеѓаните на крај се вицешампиони, а ние први од втората десетка на стариот континент. Тоа е системот, финтата е кому како ќе му се посреќи. И кој како ќе ги распореди силите.
За утеха ете, Шпанија стана шампион, за да не жалиме многу за оној прв пораз во Вараждин што ни ја пресече серијата и ни ја скрши среќата. Барем на Шпанците им го отворивме патот. Пред нас загубија од Данска, по нас им тргна до финале. Исто како што им го „отворивме патот“ на Данците пред шест години на ЕП во Србија. Беа стани-падни, ја победија Македонија со оној среќен гол и на крај завршија на подиумот. Шпанците исто така.
Ако е за утеха по загубените шанси, барем сме губеле од европските шампиони! А, и Шпанциве си ги имаме како наши. Штербик е наш вардарец, додуша уште некој месец, и Канељас е „жив“ и е „црвено-црн“ со две титули. И Алекс е наше дете. И боите ни се исти „црвено-жолти“. И Раул е наш Шпанец. И ај што тој зборува на македонски, туку и пола Македонија синоќа честиташе титула на шпански!
И што ако пак не стигнавме до полуфинале, а ни беше на дофат како никогаш досега… Ништо, здравје, друг пат. Ќе им се радуваме на другите додека дојде нашето, еден ден…
…а, шраубата на Столе, знаете каква беше – врв!
2.Вардарки во шпански стил
И што ако Роберто Парондо ја остави репрезентацијата на среде ЕП и се врати во Скопје. Што има тоа врска што си заминал помошникот на селекторот и што моравме да носиме уште еден Шпанец, кој пак случајно не беше лиценциран за да седи на клупа.
Битно сме на иста линија и имаме ист стил како европските шампиони.
А, и вардарки го „згазија“ Мец во Лигата на шампионите, па се исплати враќањето на Парондо од Загреб во Скопје. Тоа се вика добра проценка.
Македонија тешко дека ќе играше за медал, а вардарки сигурно грабат кон Ф4 и меркаат ново финале во Будимпешта.
А, ние се замараме со небитни ситници. Глупости.
Битно е да се радува нацијата. А кој станал и кој седнал на клупа, тоа и онака брзо се заборава. Па дури и кога се повторува.
3.Автокоманда на раскрсница
По кошмарот што требаше да биде златен сон во Хрватска, Лино Червар го чека нов кошмар и во неговиот Металург. Ако реши маго да се врати во Автокоманда.
Македонскиот вицешампион се соочува со нова криза. Играчите си заминуваат, а долговите за наплата пристигнуваат во Автокоманда. Четворица ракометари од есенскиот состав на Металург, веќе го напуштија клубот – Арсиќ во Металопластика, Анѓелиќ во Ференцварош, Петров во Пелистер, Димитриевски во Хапоел Ашдод. На излезна врата е Халил Јагањац кој неофицијално, продолжува во ППД Загреб. Прашање дали ќе остане и Филип Кузмановски или малку порано од планираното ќе замине во Германија…
Лино Червар изминативе 2-3 месеци го остави Металург за да и се посвети на хрватската репрезентација во походот на европската титула на домашното ЕП. Титулата со Хрватска не ја освои, а дали ќе се врати во Металург се уште не се знае сигурно. Оти по хрватскиот потоп, веќе не го чека „мирна лука“ ни во Автокоманда.
Металург е на раскрсница и пред голема неизвесност.
Што е за право доза на неизвесност има на другата страна во Вардар, ама таму барем резултатите ги амортизираат заминувањата. Тоа што европскиот шампион добива се повеќе „не“ па дури и од Белорусија, сега му се чудиме ама и не му се секираме нешто многу, многу… Што ќе биде од јуни, ќе видиме.
Ама, шраубата на Столе, топ, брат!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА