Севилја е активна во последните два дена на трансфер пазарот, а денеска го потврди и ангажманот на Сандро Рамирез. Напаѓачот на Евертон пристигна како позајмен фудбалер до крајот на сезоната, што за клубот од Андалузија претставува четврти трансфер во овој преоден рок.
Винченцо Монтела може да биде задоволен со новите аквизиции и освежувањето на својот тим, откако претходно беа ангажирани Роке Меса од Свонси (позајмица), Гилјерме Арана од Коринтијанс (11 милиони евра) и Мигел Лајун од Порто (позајмица).
22-годишниот шпански интернационалец направи голем чекор во кариерата по ЕП до 21 година кое се одигра минатото лето, со тоа што го смени дресот на Малага со синиот на Евертон. Сепак, никако не можеше да се навикне на англискиот стил на игра, па по шест месеци одлучи да се врати во Ла Лига.
Сандро севкупно одигра 15 натпревари за Евертон, а постигна само еден гол, и тоа во поразот од Аталанта со резултат од 5-1 во групната фаза од Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА