Европскиот првак Фенербахче претрпе убедлив пораз од 95-70 на гостувањето во Атина против Олимпијакос, во репризата од ланското евролигашко финале. Грчкиот тим уште од самиот почеток покажа многу повеќе на теренот, па веќе во првата четвртина поведе со 34-18, период во кој брилијантен беше Спанулис со 14 поени. Фенер во текот на втората четвртина успеа да ја спушти разликата под десет поени, но следеше нова серија на Олимпијакос со која „црвено-белите“ не само што се одлепија, туку до крајот и му нанесоа катастрофален пораз на тимот на Жељко Обрадовиќ, изразен со конечни 25 поени разлика.
Спанулис го заврши мечот со 19 поени, исто колку и одличниот Штрелниекс кој погоди четири тројки од исто толку обиди, додека единствен расположен за игра кај Фенербахче беше Али Мохамед, кој реализираше 24 поени.
Големо изненадување приредија кошаркарите на Милано, кои како гости триумфираа во Барселона со 81-83. Бертанс беше човекот на одлука постигнувајќи ги победничките поени за италијанскиот претставник, нанесувајќи и го на Барса четвртиот пораз во последните пет евролигашки кола. Гудлок со 20 поени беше најефикасен кај Милано, во чии редови македонскиот репрезентативец Џордан Теодор реализираше 10 поени и 4 асистенцции.
Жалгирис ја родолжи серијата одлични игри на домашен терен, откако литванскиот првак вечерва го декласираше Макаби со 99-84. Пресуден беше извонредниот шут од далечина на домашните кошаркари од над 60% (14/23), за што израелскиот гигант немаше никаков одговор и мораше да потпише капитулација во Каунас. Јанкунас со 17 и Пангос со 16 поени беа најефикасни кај Жалгирис, додека прв стрелец на Макаби при вечерашниот пораз беше Мајкл Рол со 17 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА