Тренерот на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ, вели дека нема оправдување за дебаклот од Олимпија, истакнувајќи дека неговите кошаркари не беа на ниво на задачата во повеќе елементи. Иако „металци“ во вториот период значително ја подобрија играта, за се што се трудеа пропадна „во вода“.
„Најискрено ви велам, некои работи не можам да ги објаснам зошто токму така се случија, ниту пак имам оправдување за овој пораз. Знам дека имаме голем проблем со ротацијата и повредите, ни недостасуваат играчи на неколку позиции. Но, тоа не е причината за поразот, немавме течност во нападот, никаква желба за победа. Се случува да се промашат отворени шутеви, но ние се губиме во истиот момент кога некој ќе ни изврши притисок. Мислев дека им ја вратив самодовербата на кошаркарите во втората четвртина, но потоа се пропадна во вода. Нешто слично ни се случи со Мега, не почнавме добро, потоа се разбудивме, и повторно беше залудно“, истакна Лукајиќ.
Предводникот на актуелниот македонски шампион потоа посочи дека навивачите се во право што се лутат и се гневни за резултатите кои ги остварува МЗТ.
„Сосема се во право навивачите што ни се лутат и за овој, и за сите останати лоши резултати, бидејќи во овој момент, ние не личиме на тим, туку збир на неколку поединци кои играат некоординирано“, додаде Лукајиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА