Абрамович чека уште еден „кикс“ на Конте за да му даде отказ

Англискиот првак Челси оваа сезона не ги исполнува очекувањата на фановите, а раководството на клубот веќе размислува за промена на менаџерот Антонио Конте. Италијанскиот стратег кој минатата сезона ја донесе шампионската титула на „Стемфорд бриџ“, оваа година не може да се носи со Манчестер сити и со Манчестер јунајтед, а тоа му пречи на сопственикот Роман Абрамович. Дополнително се разгореа страстите по последната изјава на Конте, кој беше реален и истакна дека Челси оваа сезона ќе се бори и за место во Лигата на шампионите.

„Мораме да бидеме реални и да разбереме на кое ниво сме. Се мачиме и се бориме за место кое води директно во Лигата на шампионите. За да бидеме поуспешни и да се бориме за титулата, треба да имам на располагање најмалку 15 или 16 квалитетни фудбалери кои ќе можам да ги употребувам во секој момент. Изминатото лето променивме осум фудбалери. Загубивме квалитетни фудбалери и сето ова е очекувано“, изјави Антонио Конте.

Но, овој негов став дефинитивно не му се доаѓа на сопственикот Роман Абрамович. Медиумите на Островот веќе најавуваат дека Луис Енрике треба да биде следниот менаџер на Челси, кој вечерва му гостува на Ватфорд во Премиер – лигата, а го очекува осминафинален дуел во Лигата на шампионите против Барселона.

Се вчитува...