Антонио Конте ги брои последните часови како менаџер на Челси откако раководството на клубот договори состанок на кој тема ќе биде иднината на италијанскиот стратег на „Стемфорд бриџ“. Екс-селекторот на Италија веќе извесно време води војна со клупските директори, а во ситуација кога и резултатите тргнаа во негативна насока, веќе станува јасно дека оваа соработка час поскоро ќе биде прекината.
„Јас секогаш работам со 120% од своите можности. Ако некој смета дека тоа не е доволно, има право да донесе одлука за прекин на соработката“ – изјави Конте по вчерашниот пораз од Ватфорд, на кој Челси беше декласиран со 4-1.
Англиските медиуми веќе го знаат и името на неговиот наследник, екс-тренерот на Барселона, Луис Енрике, кој би ги водел тимот во осминафиналните пресметки од ЛШ токму против каталонскиот гигант. Енрике е на „готовс“ и е подготвен да допатува во Лондон за потпис на договорот со „сините“, чекајќи го исходот од денешниот состанок на бордот на директори на Челси, со што Роман Абрамович би ја продолжил традицијата тренерите кои му носат трофеи потоа да не го дочекаат крајот на наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА