МЗТ Скопје го претрпе и четвртиот пораз во домашното првенство, од екипата на Блокотехна, за уште поголема загриженост во редовите на шампионот поради резултатската криза што од АБА-лигата има тенденција да се пренесе и во македонската прва лига. Овој пораз беше прв на Жељко Лукајиќ на домашната сцена, но воедно и прв посериозен испит на МЗТ Скопје откако „металците“ во изминатиот период за ривали имаа само екипи со реноме и квалитет далеку под оној на актуелниот првак.
И кога Лукајиќ требаше да покаже дека и покрај сите дебакли во АБА-лигата, ќе одговори барем на предизвиците во Македонија, искусниот српски стратег падна и на тој испит. Тактички гледано МЗТ Скопје не одигра речиси ништо, Крофорд со индивидуални акции ја пробиваше одбраната на Блокотехна, додека функционираше шутот од далечина „сино-белите“ имаа и водство, но кога тој престана да ги служи уште поочигледен стана огромниот проблем – одбраната.
Примени 96 поени во пресметка со директен ривал за висок пласман во домашното првенство, како надополнување на просекот од 89 примени поени во АБА-лигата под водство на Лукајиќ. Трагедијата е што нема ниту најмала тенденција дека работите можат да тргнат на подобро, па прашање е дали ќе се најде „херој“ што ќе реагира, и ќе го побара од српскиот стручњак она за што беше доведен – подобра игра од претходно и максимална дисциплина.
Токму „челичната дисциплина“ важеше за еден од главните тренерски квалитети на Србинот, но МЗТ Скопје е сосема поинаква приказна. Конфликтите крај аут-линијата со Трајковски и Мавра толку зачестија што скоро и да станаа секојдневие, под негово водство назадува и Минчев, не успеа да го извлече максимумот ниту од Мајсторовиќ…
Проблеми има еден куп, а решение на повидок нема. Лукајиќ делува како да нема одговор, а времето минува. Како што стојат работите, тој ќе остане до Купот на Македонија како последна шанса, а нов неуспех ќе значи и крај на авантурата на „српската струја“ и уште една потврда за лошото кадровско решение кога се бираше наследник на Александар Тодоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА