Серијата слаби резултати придонесоа да дојде до сериозно нарушување на атмосферата во редовите на Реал Мадрид, откако дел од фудбалерите јавно го изразија своето незадоволство од работата на тренерот Зинедин Зидан. Како што јавуваат шпанските медиуми, најпогоден во целата ситуација е Иско, кој извонредно ја почна сезоната, но во последните месеци премногу ретко добива шанса да ги покаже своите квалитети. Според весникот „Ас“, кој важи за многу близок до мадридскиот гигант, Зидан веќе и децидно му порачал на шпанскиот репрезентативец да не се надева на првотимски статус додека тој е тренер, но Иско останал мирен во текот на јануарскиот преоден рок очекувајќи тренерска смена.
Флорентино Перез засега не се решава на ваков чекор, но претседателот е свесен дека час поскоро ќе треба да донесе одлука, дали Зидан или пак Иско ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“.
„Во Мадрид ќе нема место за двајцата, или Зидан или Иско ќе мора да си замине од Реал. Веќе е јасно дека нема простор за соработка и дека едниот ќе мора да го напушти тимот на крајот од сезонава“ – јавуваат шпанските медиуми.
Зизу веќе ставил до знаење дека планира да го продаде плејмејкерот во текот на летото и парите од тој трансфер потоа да ги потроши на Еден Азар, но најпрвин Зидан ќе треба да се избори за останување на клупата на Реал Мадрид, нешто што во голема мера ќе зависи од претстојниот двомеч во Лигата на шампионите против ПСЖ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА