Македонскиот фудбалски интернационалец Марјан Алтипармаковски потпиша договор на 18 месеци со босанскиот клуб Сараево. По одисејата во Судува, во Литванија, Алтипармаковски ќе носи „бордо“ дресот на Сараево, чиј капитен е Крсте Велкоски.
„За мене е вистински предизвик што дојдов во така голем клуб како Сараево. Мое е да работам напорно на секој тренинг и да дадам се од себе на секој натпревар, со надеж дека ќе му помогнам на Сараево да ги исполни своите цели. Го познавам, секако, Крсте Велкоски од претходно и тој ми кажа само пофалби за клубот и за градот. Сигурно не погрешив што дојдов овде“, изјави Алтипармаковски по презентацијата во Сараево.
Тренерот Хусреф Мусемиќ очекува македонскиот напаѓач да биде од голема помош.
„Во овој преоден рок баравме алтернатива во нападот за Ахметовиќ и мислам дека Марјан Алтипармаковски може многу да ни помогне. Тој може да игра и на крилните позиции, па сега имаме повеќе опции во нападот“, изјави Мусемиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА