Претседателот на Пливачката федерација на Македонија, Александар Маленко, денеска на прес-конференција го искажа своето разочарување од последните случувања и „војната“ што се води со Агенцијата за млади и спорт и нејзиното непризнавање на новото раководство на оваа спортска асоцијација.
„Повод за овој собир е пред се дел од јавноста да биде подетално информирана за случувањата за нашата информација за мешање на Агенцијата за млади и спорт во нашата работа, како и натамошната реакција на директорот на АМС. Повод за нашата информација доставена и до Владата на РМ, беше незаконската иницијатива за повикување на ново Собрание. Со тоа се прекршени низа закони на РМ, по што следеше нашата информација испратена до соодветните тела. Не сме запишани во Централен Регистар што е многу чудно, имаме правници на кои не им е јасно до каде оди работата, но има кој ќе го истражи и сето тоа“ – го почна Маленко своето излагање на прес-конференцијата.
Потоа следеше и одговор на дел од обвинувањата од страна на директорот на АМС, Дарко Каевски.
„Бевме обвинети за немање на завршна сметка… со законот на РМ вие се бришете од Централен Регистар ако немате две години поднесено завршна сметка, а ние ете немаме такво нешто. Потоа беше посочено дека 15 пливачки клубови повикуваат на Вонредно Собрание. Јас одговорно тврдам дека ние како Пливачка федерација немаме добиено никакво писмо со печати и потписи од клубови, за било какво барање на Собрание. Ние сме должни според Статут ако две третини од членките достават такво барање истото да го процесуираме и да закажеме Собрание. Ние на 19 октомври го усогласивме нашиот Статутот со нормативно правните акти. Согласно на овој усогласен Статут е направено Собрание на ПФМ за избор на нов претседател, на тоа собрание од АМС е испратен инспектор за спорт кој ги следи случувањата и ја потврдува легитимноста. Тогаш ставот на сите присутни беше дека потранспарентно и легално собрание немало во последните 20 години, затоа ме изненадува што сега се вадат сосема поинакви заклучоци. За ова што го говорам постојат аудио снимки, како самиот инспектор објаснува кои клубови се членки, дека сите се усогласени со Законот за спорт и ни даде можност да продолжиме со собранието“ – порачува Маленко.
Тој искажа и разочараност што ПФМ не беше повикана да биде дел од вчерашниот состанок за Спорт во Владата на РМ.
„Ја поздравувам идејата за национална стратегија, но како таа се гради без повикување на федерациите за базичните спортови кои се основа на спортот. Премиерот Заев на таа средба кажа дека политиката и политичарите треба да се тргнат настрана од спортот и да го препуштат тоа место на спортските работници. Впрочем, ние два пати сме опоменати како држава за мешање на политиката во спортот, со гласна критика за овие случувања“ – предупредува Маленко.
Претседателот на ПФМ изрази и изненадување од бројноста на клубови што наводно бараат ново собрание, бидејќи постои неусогласување околу вкупниот број на пливачки клубови во Македонија.
„Во РМ согласно ФИНА протоколите имаме вкупно 18 клубови, од кои со право на глас има вкупно 12. Како може тогаш да се тврди дека имаме 25 клубови, од кои 15 биле незадоволни од нашиот избор. Ние за ова кратко време поставивме услови за професионализам, добивме честитки од МОК и од Европската пливачка федерација. Некој за некои си лични потреби си игра со меѓународни закони, бидејќи сме членки на ФИНА која има свои правила и прописи и од каде имаме апсолутна поддршка. Ние сме за спортски дијалог со Владата, но како што кажа и Премиерот Заев, политичарите треба да се оддалечат од спортот“ – истакна Александар Маленко.
На оваа тема говореше и потпретседателот Владимир Пејковски, кој беше изненаден од тоа како АМС дава потврди за вршење на дејност спорт – пливање, кога тие не се дел од самата федерација
„Зачудени сме како може АМС да издава потврди на клубови за вршење на дејност спорт, кога не се членови на соодветната федерација. Во членот 5 од самиот формулар постои став дека мора да има прифаќање на тие клубови од самата федерација. Ние како федерација сме изненадени што Каевски говори за 25 клубови кога во нашиот регистар постојат само 18. Да не бидеме погрешно разбрани, ние сме подготвени за ширење, но мора да се создадат услови. Ние ќе бараме на увид како може да им се издадени потврди без да се дел од федерацијата, што е противзаконски“ – истакна потпретседателот на ПФМ, Владимир Пејковски.
Разочараност од целиот конфликт искажа и вториот потпретседател Томи Стефановски, кој важи за една од легендите на овој спорт.
„Ние влеговме во оваа федерација со најдобри намери, очекував да ги решаваме проблемите со пливањето, а не да се занимаваме со вакви работи. Јас најмногу од сите ги имам почувствувано проблемите во ПФМ, но и во АМС. Пливањето немало помош од страна на Агенцијата за млади и спорт, а ако сакаме да работиме професионално има след на работите. Ние како федерација треба да работиме со ФИНА и со ЛЕН, како и со МОК како домашна институција. Агенцијата за млади и спорт треба да биде наш партнер. Работата е што наши врвни пливачи се надвор од овој спорт и треба да се запрашаме зошто, тоа е некоја политика што ги избркала. Ако продолжиме во ист ритам, ќе ги избркаме сите и ако треба да спремаме пливачи за на плажа за лето, барем да знаеме дека тоа е нашата цел“ – истакна Томи Стефановски, сега во функција на потпретседател на ПФМ.
Не можеме да лечиме државни службеници од лични фрустрации
„И покрај сите сопки што ни се поставуваат, ние продолжуваме со нашите активности. Така, на почетокот од март ќе се одржи и Зимското државно првенство, и тоа во Куманово, бидејќи сметаме дека пливањето не смее да биде централизирано само во Скопје. Продолжуваме да функционираме, имаме програма која ја следиме и реализираме и не дозволуваме ова да не запре. ФИНА и ЛЕН кажаа, МОК кажа, инспекторот за спорт на собранието потврди. Нема што друго да се додаде, ние не сме установа што може да лечи лица државни службеници од лични фрустрации“ – порачаа за крај челниците на Пливачката федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА