Работнички лесно и убедливо славеше над Шкупи, продолжувајќи ја својата серија успеси за скор од 16-0 во досегашниот дел од сезоната во кошаркарскиот шампионат. Оптимизмот во „Градски парк“ расте со секој нареден триумф, но тренерот Марин Докузовски предупредува дека битката за трофеи допрва претстои.
„Редиме победи и морам да бидам задоволен резултатски, но за формата искрено не можам да говорам. Проблем е тоа што немаме мерило за квалитетот, бидејќи немаме доволно квалитетни натпревари. Победите во последно време се извојувани над ривали што реално се многу послаби од нас, така што не можам да кажам на кое ниво ни е формата, ниту пак истата да ја темпирам онака како што посакувам. Како и да е, верувам дека сме подготвени за предизвиците што се пред нас“ – изјавува Марин Докузовски.
Прв предизвик е завршниот турнир од Купот на Македонија, кој е закажан за викендот 16 до 18 февруари во Кавадарци.
„Свесни сме какви изненадувања се случуваат во Купот на Македонија и затоа мораме да бидеме внимателни. Факт е дека наш главен проблем ќе биде темпото, бидејќи за трофејот мора да се победи на три меча во рок од три дена, а ние играме еден натпревар седмично, и тоа најчесто против далеку послаби противници. Очекувам да играме добри натпревари и сигурно ќе сториме се за да го освоиме трофејот, свесни дека нема да биде нималку лесно“ – истакнува стратегот на Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА