Погледите на спортскиот свет од денеска, преку церемонијата на свеченото отворање од 12 часот па се до 25. февруари се насочуваат кон јужнокорејскиот Пјонгчанг каде 92 земји и 2952 олимпијци ќе бидат дел од 23. Зимски олимписки игри. Меѓу нив и Македонија со тројца свои олимпијци.
- Јужна Кореја за првпат ќе биде домаќин на Зимски олимписки игри. На ЗОИ во Пјонгчанг ќе учествуваат рекордни 2.952 олимпијци од, исто така, рекорден број земји – 92!
Ставре Јада, Антонио Ристевски и Викторија Тодоровска се спортистите во црвено-жолто кои од денеска ќе ја бранат македонската чест меѓу спортскиот свет.
„Не можеме да ја сокриеме возбудата од учеството на најголемиот спортски настан. Веруваме дека нема да ја разочараме Македонија, а искрено од срце ќе се обидеме достоинствено да ја браниме македонската спортска чест“ – вели Ставре Јада кој ќе биде и македонскиот знаменосец денеска на церемонијата на свеченото отворање на игрите (Отворањето на Игрите е од 12 часот по македонско време).
Нордиецот Јада ќе се натпреварува во дисциплините спринт и 15 километри, додека неговата колешка Викторија Тодоровски во крос-кантри на 10 километри.
„Мора да признам дека имам мала трема. Ова за мене е прва Олимпијада која верувам за моите 17 години ќе биде едно огромно искуство. Верувам дека нема да ја посрамотам Македонија“ – коментира Тодоровска.
Јада и Тодоровска пред заминувањето за Пјонгчанг минаа и заеднички подготовки во Покљука, Словенија, најавувајќи дека се добро подготвени за предизвиците кои ги очекуваат.
- Пјонгчанг е најмалиот град-домаќин на Зимски олимписки игри со околу 43.000 жители, по Лилехамер, Норвешка, кој беше домаќин на Игрите во 1994 година.
Во алпско скијање, пак, ќе не претставува Антонио Ристевски, најискусниот од Македонците што се однесува до учествата на ЗОИ…
„Желбата ќе биде да се оствари добар пласман, уште еднаш да се обидеме за промоција на нашето скијање иако јасно е дека очекувањата не може да бидат големи“ – вели Ристевски.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ОЛИМПИЈЦИ
Ставре Јада – нордиско скијање
* Спринт (13. февруари)
* 15 километри слободно (16. февруари)
Викторија Тодоровска – крос-кантри
* 10 километри (15. февруари)
Антонио Ристевски – алпско скијање
* Велеслалом (18. февруари)
* Слалом (22. февруари)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА