ЦСКА Москва по петте победи во низа во Евролигата денеска го претрпе само петтиот пораз во елитното европско натпреварување, и тоа на гостувањето против Валенсија со резултат 103-99. Мечот беше максимално интересен, а откако гостинскиот тренер Итудис заработи две технички грешки и исклучување, Валенсија поведе со 82-68 на помалку од осум минути до крајот. ЦСКА во манир на голем тим не само што не се предаде, туку и се врати, па на една минута до крајот стигна и до израмнување. Сепак, клучна беше тројката на Абалде на дваесетина секунди до крајот, по што во серијата слободни фрлања подобро се снајдоа домаќините и заслужено триумфираа.
Грин со 19 и Дубљевиќ со 18 поени беа први стрелци на Валенсија, додека на тимот на ЦСКА не му помогна ниту одличниот настап на Де Коло, кој реализираше 30 поени.
Резултатската криза на Барселона уште повеќе се продлабочи со вечерашниот пораз во Тел Авив од Макаби со 94-82. Разликата на помалку од две минути до крајот изнесуваше само пет поени, но каталонците наместо камбек му дозволија противникот да триумфира со двоцифрена позитива. Пјер Џексон погоди пет тројки, дел од нив токму во финишот, за вкупно 18 поени, Норис Кол учествуваше со 14 поени во триумфот на Макаби, додека во редовите на Барселона најрасположен беше Ертел со 18 поени и 10 асистенции.
Панатинаикос речиси цел натпревар водеше и заслужено триумфираше со 80-76, дуел во кој гостите само благодарение на подобрата игра во последната четвртина избегнаа пораз изразен со двоцифрена разлика. Габриел и Гист беа први стрелци на ПАО со по 15 поени во вечерашниот триумф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА