Се е подготвено за Вонредното Собрание на Македонската Кошаркарска Федерација, што ќе се одржи утре точно на пладне и кое ќе даде одговор на најважното прашање, дали ќе се случат очекуваните промени во раководењето на мак-баскетот, или пак ќе продолжи ерата на Петар Наумоски како предводник на куќата на кошарката.
Наумоски пред повеќе од еден месец го прекина редовното собрание не сакајќи да дојде до точка во дневниот ред за гласање за негова недоверба. Владо Илиевски, кој и тогаш беше главен поборник за смена на актуелниот претседател, ја испочитува процедурата и ги поднесе неопходните потписи, по што актуелниот претседател беше принуден за свикување на Вонредно Собрание.
Прва точка се очекува да биде онаа за гласање на буџетот и завршната сметка на федерацијата, која не дојде на ред на последното собрание поради прераното „бегство“ на претседателот, по што ќе почне пребројувањето на гласовите „за останување“ и „за смена“ на Наумоски. Предводникот на мак-кошарката има своја гласачка база која според првите прогнози сепак ќе биде недоволна за останување, поради „климата“ во која речиси сите прволигаши во машка и женска конкуренција гласно го кренаа гласот против него. Сепак, Наумоски никако не смее да се потцени, откако и во декември 2016 година имаше иницијатива за негова смена, но со воведување на тајно гласање направи маневар со кој на крајот остана на чело на МКФ.
Владо Илиевски e поднесувачот на иницијативата за подобра кошарка, со јасна визија и програма што долгогодишниот македонски репрезентативец им ја презентираше на клубовите при средбите и разговорите во изминатиот период. Стрелецот на најважната тројка во македонската репрезентативна кошарка минатото лето ја заврши професионалната кариера, а сега покажува желба и ентузијазам да помогне и како предводник на мак-баскетот, за овој спорт да се врати онаму каде што заслужува, спречувајќи го вртоглавиот пад на кој сме сведоци во последните неколку години.
Покрај мнозинството на прволигашки екипи, Илиевски во иницијативата за смена има поддршка и од здруженијата на тренери и на професионални играчи, па со право на овој ас се гледа како на фаворит за нов претседател.
Екс-претседателот Даниел Димевски во последните месеци покажа сериозна амбиција да се врати на чело на МКФ, самиот тргна во собирање на потписи, па се откажа, за во последните дваесетина дена во преден план да го исфрли својот долгогодишен пријател Зоран Дамјановски. Поранешниот градоначалник на Куманово од позадина чека смена на Наумоски и не крие дека сака да седне на претседателската фотелја, но проблем е што не може да собере десет потписи за кандидатура. Токму затоа, популарниот Циц трпеливо чека смена на Наумоски за да може да се надева и на поддршка од дел од неговите поддржувачи, ако веќе стане јасно дека времето на Пеце како предводеник на МКФ е минато.
Проблем за него сигурно ќе претставува недоволното време за маневар, со оглед на фактот дека Наумоски веќе најави дека изборот на нов претседател во случај на недоверба во актуелниот би се случил истиот ден.
„Доколку се изгласа недоверба, по кратка пауза кандидатите за позицијата Претседател ќе треба да ги достават своите кандидатури и програми за работа, а кандидатската комисија да ги верификува“ – објави МКФ на својата официјална веб-страница при самата информација за свикување на Вонредното собрание.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА