Селекторот на женската кошаркарска репрезентација, Марјан Лазовски, по поразот од Хрватска смета дека кошаркарките не одговорија на предизвикот, а нивната немоќ резултираше со тежок дебакл, од кој сепак, може да се извлече поука за во иднина.
„Не можеме да бидеме задоволни кога ќе загубиме со 60 поени разлика, но има повеќе причини зошто е така. Не одговоривме на нивната агресивна одбрана, правеме многу грешки при додавањата што резултираше со многу примени поени од украдени топки, немавме ниту течност во нашата игра. Сметам прерано да се предадовме, како да бевме импресионирани од нивната агресивна игра. Имавме проблеми и со реализацијата, во првите две четвртини едвај постигнавме 20 поени, а веќе во следниот период постигнавме исто толку. Направивме многу недозволиви работи, но од овој натпревар може да извлечеме доста поуки. Треба да научиме како да се носиме со репрезентации кои континуирано настапуваат на големите натпреварувања“, истакна Лазовски.
Една од причините за тешкиот пораз е и отсуството на неколку клучни репрезентативки во тимот, сепак со високи очекувања селекцијата на Лазовски во среда ќе се пресмета со Италија на гостински терен.
„Јас не можам да бидам незадоволен од овие девојки, бидејќи сите го дадоа максимумот, но околностите се такви, мислам дека оваа селекција ќе има друг изглед со Антиќ, со Пејковска и со останатите кои не можеа да помогнат во овој циклус. Во понеделник ќе одработиме две тренинг сесии, а веќе во вторник патуваме за Италија да го одиграме вториот натпревар. Ние сакаме, и се обидуваме на секој натпревар да забележиме победа, со таков став ќе одиме да играме и против Италија“, додаде Лазовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА